Во нашиот бучен свет во кој никогаш ништо не застанува, за време на пандемијата за првпат ноќе замираше сѐ. „Во тивка самотна ноќ“ е несекојдневна книга по многу нешта. Таа е збирка лични приказни од едно тегобно време што донесе драматични промени во нашите животи. Време кога се боревме со реални и метафорични вируси, кога го браневме својот личен простор од неговото сè понападно ограничување. Меѓутоа тој чуден период истовремено ни донесе и ретка можност да останеме сами со себе и да ја слушнеме тишината. И во таа тишина да си ги слушнеме мислите, да се нурнеме во сеќавањата, да се видиме и себеси и околниот свет од една сосема поинаква перспектива. Тематски, расказите најчесто не се поврзани со пандемијата, ниту се однесуваат на неа. Со сите случувања – од секојдневни до такви што се граничат со апсурдност, со сета богата галерија на ликови, како и со наменските одлични илустрации на Ладислав Цветковски, оваа книга е сведоштво за издржливоста и моќта на човекот да се избори и со најнеочекуваните и најтешките ситуации и повторно да се крене над нив со обновени сили, како феникс што полетува од пепелта.
Напишете мислење/рецензија